Во едно од дербиата на 2.коло во Лигата на шампионите, Јувентус на домашен терен го совлада актуелниот европски првак Челзи со минимални 1:0.
По неубедливите игри во Серија А, Јувентус конечно одигра натпревар во согласност со репутацијата, а одлична игра пружи Федерико Киеза.
Овој фудбалер го постигна единствениот гол на натпреварот, а по натпреварот се осврна и на медиумските извештаи за лошите односи помеѓу него и тренерот на Старата дама, Масимилијано Алегри.
Тој, меѓу другото, им посочи на медиумите дека тие никогаш немале никакви проблеми и дека тоа се медиумски шпекулации.
“Никогаш не сум имал проблем со тренерот, се работи за медиумски шпекулации. Правам се што ќе побара од мене и навистина нема проблеми”, изјави офанзивниот играч на Старата дама.
Киеза е свесен дека лошите игри на Јувентус им „одговараат“ на медиумите.
„Знам дека вие новинарите сакате кога Јувентус игра лошо и во тие моменти правите бесмислени озборувања, но сите ние го поддржуваме тренерот и сакаме Јувентус да ја врати доминацијата во италијанскиот фудбал“, заклучи Киеза.
Да потсетиме, за разлика од Серија А каде не му оди добро, Јувентус во Лигата на шампионите по две кола ја држи лидерската позиција во групата Х со шест бода. Челзи и Зенит имаат по три, додека Малме е без бодови.