ФУДБАЛ

Чави во Барселона, познати се сите детали

Се чека само официјална потврда, но веќе е јасно дека Чави ќе стане нов тренер на Барселона.

Раководството на Барселона успеа се да договори со катарскиот Ал Сад и Чави ќе ја преземе клупата на неговиот поранешен клуб во момент кога многумина можеби нема да го сторат тоа поради очајната ситуација во Барселона.

Каталонскиот „Спорт“ пренесува неколку нови детали за доаѓањето на Чави. Барселона ќе му плати на Катар пет милиони евра за да го ослободи Чави и да го раскине договорот.

Светскиот шампион од 2010 година викендов патува за Каталонија. Тој ќе дебитира на тренерската клупа на 20 ноември во дербито против Еспањол, односно по репрезентативната пауза.

Во петок се очекува Чави да пристигне во Барселона и потоа и официјално да стане нов тренер на клубот, а во Виго викендов ќе го следи дуелот со Селта.

Чави е икона на Барселона, со која ги освои сите можни трофеи и беше дел од една од најдобрите генерации играчи не само на Барса туку и во историјата на фудбалот.

Што е фудбалот според Чави и што да очекуваме од него? Не се грижи за формациите, клучна е контролата на топката. Неговите тимови пред се треба да создадат предност на средината на теренот. Едноставно, неговата фудбалска филозофија потекнува од Барселона, каде што помина 24 години броејќи ја и академијата. Тој одигра 767 натпревари за првиот тим пред да замине во Ал Сад во 2015 година. Четири години подоцна стана тренер.

Одамна се споменуваше како тренер, но кога Роналд Куман доби отказ поради лошите резултати, јасно беше дека е дојден моментот да го преземе веројатно најголемиот ризик во кариерата.