ФУДБАЛ

И големите имаат соништа: Денот кога Меси плачеше од среќа…

Пред една година на денешен ден, Лионел Меси го освои највредниот трофеј во својата интернационална кариера.

На 10 јули 2021 година, Аргентина стана шампион на Јужна Америка. И на кој начин! Во најголемото дерби на тој дел од планетата, во финалето на Копа Америка, го совладаа Бразил со 1:0 на неговата позната Маракана.

Стрелец на голот беше Анхел Ди Марија во 21. минута, но најмногу се радуваше Лионел Меси. Еден од најдобрите фудбалери во историјата конечно освои голем трофеј со националниот тим. Во кариерата ги собра сите можни клупски и индивидуални награди (како играч на Барселона), а тој ден конечно може да се пофали со титулата континентален шампион со Аргентина.

Тој не ги криеше емоциите кога судијата означи крај на натпреварот, клекна и плачеше од среќа, а соиграчите притрчаа да го гушнат.

„Против Бразил во Бразил… Господ ми го спаси ова“, изјави тогаш Лионел Меси.

На крајот на годината (21.11 – 18.12) овој одличен фудбалер и неговите гаучоси чекаат ново, уште поголемо натпреварување и можност Аргентина можеби да ја освои третата светска титула, а Меси конечно да ја освои својата прва планетарна титула. ..

Во меѓувреме, Аргентинците ги промовираа дресовите во кои ќе играат во Катар 2022 година.