Фудбалскиот клуб Кардиф ќе мора да му плати на Нант шест милиони долари, откако Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана пресуди во корист на францускиот клуб во повеќегодишниот спор по смртта на фудбалерот Емилијано Сала во авионска несреќа.
CAS ја одби жалбата на Кардиф, кој се жалеше на одлуката на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) да му ја плати на Нант првата рата од шест милиони долари за Сала.
Судот изјави дека дводневното рочиште за случајот одржано во март се однесува само на првата исплата на трансферот. Сала загина на 21 јануари 2019 година, кога мал приватен авион се урна во Ла Манш, патувајќи од Нант за Кардиф, каде што 28-годишниот фудбалер требаше да игра за велшкиот клуб. Аргентинецот не одигра ниту еден натпревар за Кардиф, кој оспори дека трансфер зделката со Нант е завршена.
„Комисијата на CAS заклучи дека трансферот на фудбалерот од Нант во Кардиф е завршен“, се наведува во соопштението на судот.
BREAKING: Cardiff are ordered to pay £5.1m to Nantes to cover Emiliano Sala's transfer fee https://t.co/PdEkIJT1C8 pic.twitter.com/jNjJb9p0qV
— Daily Mail Sport (@MailSport) August 26, 2022
Неколку часа пред падот на авионот, ФИФА доби онлајн документи од Фудбалската асоцијација на Велс во врска со регистрацијата на Сала. Покрај Сала, во авионската несреќа загина и 59-годишниот пилот Дејвид Иботсон, чие тело не беше пронајдено.
Како што беше објавено во март, Сала почина веднаш од повреди на главата и градниот кош, веројатно во несвест поради труење со јаглерод моноксид предизвикано од неисправен издувен систем на авион за време на неовластен лет од Франција до Велс. Пилотот немал дозвола да лета ноќе.