ФУДБАЛ

Ново лудило денеска – Гана имаше 2:0, па се мачеше и победи! Кореја има за многу да жали…

Фудбалерите на Гана забележаа голема победа откако ја совладаа Јужна Кореја со 3:2 во второто коло на Светското првенство во Катар.

Гана сега има три бода, исто колку и Португалија, која вечерва се среќава со Уругвај во вториот натпревар од оваа група. Јужна Кореја остана со бод, исто колку и Уругвај, но со споменатиот натпревар помалку.

Се чини дека денес е ден за луди пресврти. Гана тргна многу подобро и поведе во 24. минута со голот на Салису, кој беше највисок во скокот по паузата.

Во 34. минута Гана имаше два гола предност, асистент беше Џордан Ају, а Кудус беше на вистинското место за огромни 2:0.

Јужна Кореја немаше посериозни удари во првото полувреме, но потоа во второто се случи вистинско чудо.

За само три минути Кореја целосно се врати во натпреварот и израмни на 2:2. Во 58. минута Чо Гу-Сунг искористи асистенција на Ли за 1:2 , а во 61. минута беше највисок во шеснаесетникот по центаршут од левата страна за 2:2 и големо славје на навивачите.

На лудилото на овој натпревар му немаше крај. Во 68. минута Гана изведе убава акција по левото крило, Вилијамс ја промаши топката која за среќа стигна до Кудус кој шутираше во спротивниот агол за ново водство на Гана !

Јужна Кореја повторно тргна во офанзива и имаше две одлични шанси за израмнување. Ли одлично изведе слободен удар, голманот на Гана беше одличен.

Во 84. минута Кореја имаше нова шанса, Џин-Су шутираше преку голот од левата страна.

И во судиското надополнување Кореа го нападна голот, нова прилика имаше Чо, повторно голманот на Гана беше на место.

Резултатски промени до крајот немаше, Гана освои важни бодови во борбата за осминафиналето и речиси сигурно ќе го игра „финалето“ против Уругвај во последното коло за пласман во елиминациската фаза.