ФУДБАЛ

Реал остана без Модриќ во клучниот дел од сезоната

Фудбалерите на Реал Мадрид влегуваат во самиот финиш на сезоната и борба за трофеи, но останаа без Лука Модриќ.

Денеска од Мадрид пристигна информација дека Модриќ се здобил со повреда на препоните на мечот против Жирона и дека ќе отсуствува две недели.

Модриќ ќе ги пропушти првенствените натпревари против Алмерија и Реал Сосиедад, кои се помалку важни, бидејќи Барселона е веќе предалеку, но и финалето од Купот на кралот на 6 мај и првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Манчестер Сити три дена подоцна.

Ова е голем удар за тимот на Карло Анчелоти, бидејќи Модриќ беше клучен на сите големи натпревари досега, кои едноставно обожава да ги игра.

За да биде уште полошо за Мадрид, Едер Милитао е суспендиран на првиот меч против Сити, па Реал ќе биде значително ослабен, без лидерот на одбраната и средниот ред.

Очигледно Модриќ ќе биде подготвен за реваншот со Манчестер Сити на 16 мај, а дали тоа ќе биде доволно за Реал останува да се види.