ФУДБАЛ

Вест Хем проговори за инцидентот со Бираги

Вест Хем синоќа го освои трофејот во Конференциската лига откако во Прага ја совлада Фиорентина со 2:1. Инцидентот се случи во 33. минута кога Бираги се обиде да изведе корнер под трибините на кои се наоѓаа навивачите на Вест Хем. Тие кон него фрлале шишиња и разни предмети, а еден од нив го удрил во главата, при што му нанел расекотина.

Вест Хем објави дека „ваквите постапки немаат место во фудбалот и на ниту еден начин не ги претставуваат вредностите на мнозинството навивачи на тој клуб“.

„Вест Хем безрезервно го осудува однесувањето на малиот број поединци кои фрлаа предмети на теренот за време на финалето на Конференциската лига. Во согласност со нашиот пристап на нулта толеранција, секој идентификуван ќе биде упатен во полиција и ќе му биде забранет влез на нашиот стадион на неодредено време и забрана за патување со клубот“, се наведува во соопштението.

Во средата, чешката полиција уапси повеќе од 30 навивачи поради нереди во градот пред натпреварот. Во нередите се повредени три лица и еден полицаец. Околу 20.000 навивачи на Вест Хем отпатуваа во Прага на натпреварот, од кои многумина немаа билети.