Последниве денови многу се пишуваше за заминувањето на Садио Мане од Ливерпул ова лето.
Вчера во англиските медиуми се појави информација дека Мане по финалето од Лигата на шампионите им кажал на соиграчите дека на крајот од оваа сезона го напушта Ливерпул, а има намера да се обиде во друг клуб.
Мане со Мохамед Салах неколку сезони е најдобар играч на Ливерпул, а со овој клуб освои се што можеше. Сепак, тој е свесен дека му треба нов предизвик и е решен да го најде уште ова лето.
Се шпекулира дека Мане речиси сигурно ќе потпише за Баерн доколку ги напушти црвените, а трансферот би можел да изнесува околу 50 милиони евра.
На „Енфилд“ се обидуваат да го убедат Мане да остане и следната сезона, иако тој за една година би заминал бесплатно бидејќи му истекува договорот. Но, и тие се свесни дека мора да имаат резервна опција, а како што пишува Мирор, челниците на Ливерпул веќе имаат јасен план.
Мирор утринава објави дека сакаат да го доведат во Ливерпул Сон Хеунг-мин, кој зад себе има одлична сезона во Тотенхем. Сон беше најдобар стрелец во ПЛ со Салах, а веќе неколку сезони игра во одлична форма.
На „Енфилд“ сметаат дека Сон би бил одлична замена за Мане, но за него би требало да платат околу 60 милиони евра бидејќи има тригодишен договор со Тотенхем.
29-годишниот фудбалер пристигна во Тотенхем пред седум години од Леверкузен и сигурно е дека поканата на Ливерпул тешко ќе се одбие. Тој оваа сезона постигна 24 гола на 45 натпревари со десет асистенции на Хари Кејн и повторно беше главна надеж на Тотенхем.