Фудбалерите на Челзи синоќа во лондонското дерби го победија Тотенхем со 1:4.
Атипична игра, но која му недостига на денешниот фудбал. Полн со искри, големи борби, контроверзни одлуки, пресврти, голови… Имавме се во натпреварот на две екипи од главниот град.
По двата црвени картони, Тотенхем не можеше да биде рамноправен ривал на Челзи, иако имаше шанси за гол и со девет играчи. Поточно, голот на Ерик Диер беше поништен за 2:2, потоа Хјеонг-Мин Сон пропушти можност за истиот резултат во судиското надополнување. Набргу откако јужнокорејскиот фудбалер ја пропушти својата шанса, Николас Џексон го постигна третиот, а потоа и четвртиот гол на неговиот тим за комплетирање на хет-трикот.
По својата најдобра партија во дресот на „сините“, Џексон изјави дека Челзи е најголемиот клуб во Англија, па и пошироко, со што многумина не би се согласиле, па дури и оние надвор од границите на „островот“.
„Ова го направив за најголемиот тим во Англија и пошироко“, рече меѓу другото поранешниот напаѓач на Виљареал.
