Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри изјави дека би било „кукавички“ да го напушти клубот, по лошите резултати и одземањето на десет бода во Серија А, поради книговодствена измама.
Би било кукавички да го напуштам Јувентус во овој момент“, изјави Алегри, пренесува Скај.
Само неколку недели откако беше суспендирано првобитното одземање на 15 поени, на клубот од Торино му беше изречена нова казна во понеделникот вечерта, со која беа однесени од второто на седмото место во Серија А.
Фудбалерите на Јувентус беа поразени со 4:1 на гостувањето кај Емполи во понеделникот вечерта, во натпреварот од 36.коло во Серија А.
„Разочаран сум бидејќи тоа беше можност, но исто така не можам да го обвинам тимот“, додаде тој.
Претходно, директорот на Јувентус, Франческо Калво изјави дека раководството на клубот има „безусловна доверба“ во Алегри и покрај тоа што беше елиминиран во полуфиналето на Лига Европа од Севиља.
На две кола пред крајот Јувентус е на седмото место со 59 бодови и се уште има шанси за пласман во Лигата на шампионите. Следниот меч го играат на домашен терен против Милан, еден од ривалите за Лигата на шампионите.
