Иако е само второто коло во Серија А, навивачите се бесни на тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри и веќе бараат негова оставка. Сепак, Алегри нема намера да го напушти Јуве и вели дека е добро што неговиот тим се уште не примил гол во Серија А.
Сампдорија успеа да побегне и да не ја доживее судбината на Сасуоло кога Јуве славеше со 3:0. Тогаш двоен стрелец беше Душан Влаховиќ, а овојпат пред него се истакна голманот Емил Аудеро. Одбрануваше одлични удари на Хуан Куадрадо, Филип Костиќ и Адриен Рабиот, а имаше и среќа кога Влаховиќ постигна гол кој беше поништен поради офсајд.
„Имаме два натпревари на кои ја сочувавме мрежата оваа сезона. Сампдорија одигра одлично во првото полувреме, имавме одлична шанса на крајот но не смееме да се предадеме. Тоа се случи и против Сасуоло, трчавме наназад, штета е затоа што испуштивме два бода“, изјави Масимилијано Алегри.
Она што загрижува за Јувентус е тоа што главниот напаѓач Душан Влаховиќ имаше само три допири со топката во првите 45 минути. Еден од тие три беше воведното додавање на играта.
„Не одигравме добро во првото полувреме. Душан беше подобар во вториот и само треба да биде малку посмирен кога ќе му дојде топката“, додаде Алегри.
Тој исто така рече дека на Јувентус многу му недостасуваат Пол Погба и Федерико Киеза, двајца играчи за кои верува дека ќе бидат клучни доколку Јуве го сака Скудетото.