Шефот на стручниот штаб на Реал, Карло Анчелоти изјави дека е среќен што ќе биде тренер на мадридскиот клуб и додаде дека е задоволен од пласманот на неговиот тим во финалето на Купот на кралот, пренесуваат шпанските медиуми.
Реал се пласираше во финалето на Купот на кралот откако во реванш полуфиналниот натпревар на Ноу Камп ја совлада Барселона со 4:0. На првиот натпревар одигран во Мадрид, каталонскиот клуб победи со 1:0.
„Одигравме многу добар натпревар, заслужено победивме. Во вториот дел одигравме доста добро, бидејќи беше многу комплициран натпревар. Секогаш кога имавме можности создававме опасност. Бевме подобри во сите аспекти, и офанзивно и дефанзивно. Да не игравме така, немаше да победиме со 4:0. Уште еднаш морам да кажам дека сум среќен бидејќи сум тренер на Реал“, изјави Анчелоти.
На натпреварот во Барселона се истакна напаѓачот на Реал, Карим Бензема, кој постигна хет-трик. Тој е единствениот играч на Реал по Ференц Пушкаш кој постигна хет-трик против Барселона на Ноу Камп.
„Уште една златна топка за Карим? Зошто да не? Тој и понатаму е еден од најдобрите играчи во светот“, додаде тренерот на Реал.
Тренерот на Барселона Чави Ернандез призна дека тешко му паднал поразот од Реал.
„Ова навистина боли, но ја имаме Ла Лига каде што сме на првото место. Мора да реагираме по овој неуспех. Одигравме подобро отколку што кажува резултатот, бидејќи ова е страшен пораз. Вториот гол не уби. Морам да признаам дека одигравме лошо во вториот дел“, додаде Чави.
Во финалето на Купот на кралот Реал ќе игра против Осасуна која во полуфиналето го елиминираше Атлетик Билбао.
