Фудбалскиот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти денеска изјави дека не се брза да потпише продолжување на договорот со тој клуб, во услови на постојани шпекулации дека бразилската репрезентација сака да го ангажира.
Договорот на Анчелоти истекува на крајот од оваа сезона.
“Да се биде тренер на Реал Мадрид е најважна работа. Ако клубот е среќен, тогаш сум и јас. Не брзам да го обновам договорот, тоа не е проблем. Тука сум до 30 јуни 2024 година”, рече Анчелоти.
Реал Мадрид во недела го пречекува Виљареал, во натпреварот од 17. коло на Примера.
Анчелоти е поврзуван со репрезентацијата на Бразил откако Тите поднесе оставка од селекторската функција во декември 2022 година, по разочарувачкото Светско првенство.
67-годишниот италијански тренер во неколку наврати изјави дека сака да го испочитува актуелниот договор со Реал, но никогаш не ги откри своите планови за иднината.
Бразил го ангажираше Фернандо Динис за селектор во јули. Потоа потпиша едногодишен договор кој ќе биде комплетиран кога ќе му истече договорот на Анчелоти со Реал. Челниците на бразилската фудбалска конфедерација изјавија дека нивната намера е да чекаат Анчелоти да ја води репрезентацијата на Светското првенство во 2026 година.
Анчелоти го држи рекордот за најмногу титули во Лигата на шампионите, откако ги предводеше Реал Мадрид и Милан до два трофеи во ова натпреварување. Тој е и единствениот тренер кој освоил титули во најдобрите пет европски лиги, во Шпанија, Англија, Италија, Германија и Франција.
