Фудбалскиот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, пред натпреварот со Манчестер Сити во Лигата на шампионите изјави дека неговиот тим не смее да се фокусира само на запирање на Ерлинг Халанд.
„Не го подготвуваме натпреварот за да го запреме само Халанд, туку да го запреме целиот тим кој делува незапирливо. Зборуваме за опасен и импресивен играч, кој е очигледна закана, но не смееме да заборавиме на остатокот од тимот кој игра добро“, изјави Анчелоти.
Кралскиот клуб го пречекува тимот на Пеп Гвардиола во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.
„Мислам дека имаме квалитет да одиграме избалансиран натпревар и да победиме. Утре бараме позитивен резултат. Но, одлуката ќе биде донесена во Манчестер, а не утре“, изјави Анчелоти.
Натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити се игра од 21 часот на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.
