Карло Анчелоти стана нов тренер на Реал Мадрид.
Искусниот италијански стручњак ја напушти клупата на Евертон и потпиша тригодишен договор со Кралевите.
Тоа е враќање на 61-годишниот стручњак на клупата на Реал Мадрид каде работеше од 2013 до 2015 година, а еден од играчите што тој ги водеше во тој период беше Алваро Мората.
Сепак, шпанскиот напаѓач не играше премногу со Анчелоти, а на новинарско прашање да го коментира враќањето на Италијанцот на клупата на Кралевите, тој кратко рече:
“Реално, не ми е гајле. Не ми е гајле премногу, но тој е добар менаџер за тимот. Тоа е најважното нешто”, рече Мората.
Мората е дете на клубот од Мадрид. Тој беше член на првиот тим во два наврати и одигра вкупно 95 натпревари за Мадрид и постигна 31 гол.
Тој во моментов е член на Атлетико Мадрид на позајмица во Јувентус, каде најверојатно ќе остане следната сезона, а играше и за Челзи.
Карло Анчелоти го предводеше Реал на вкупно 119 натпревари. Тој освои дури 89, неговиот тим одигра нерешено 14 пати и забележа 16 порази.
Тој имаше особено успешна година со Кралевите во 2014 година кога ги освои Лигата на шампионите, Купот на кралот, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.