Италијанскиот репрезентативец Андреа Белоти ќе стане нов член на Рома.
Белоти останува слободен играч откако му истече договорот со Торино, но наскоро раскошниот напаѓач ќе потпише за Римјаните и ќе стане најновото засилување во тимот на Жозе Мурињо.
Рома постигна договор да го продаде Феликс Афена-Гјан на Кремонезе, па надежниот репрезентативец на Гана ќе направи простор за Белоти.
Според Calciomercato.com и Il Corriere dello Sport, Белоти ќе слета во Рим денес или утре и најверојатно ќе потпише договор со Рома во недела по лекарските прегледи.
28-годишниот фудбалер ќе потпише тригодишен договор и ќе стане резервна копија на Тами Абрахам на Олимпико.
Жозе Мурињо е фан на италијанскиот напаѓач, толку многу што Специјалниот сакаше да го ангажира за време на неговиот престој во Тотенхем.
Во Серија А одигра вкупно 270 натпревари и постигна 106 гола со 27 асистенции.
Тоа ќе биде само едно во низата големи засилувања за Рома, која летово ги доведе и Немања Матиќ, потоа Пол Дибала, Зеки Челик, Миле Свилар.
Во меѓувреме си заминаа Робин Олсен, Алесандро Флоренци, Хенрих Мхитарјан, Пау Лопез и Ченгиз Ундер.
Белоти е поранешен европски шампион со Италија, а во Торино настапуваше во последните седум години. Претходно беше член на Палермо и Албинолефе.