ФУДБАЛ

Ањели се согласи на сè: Јувентус ќе ја започне сезоната 2021/22 со нов тренер

После прилично турбулентната сезона, чиј крај сè уште се чека, Јувентус би можел да доживее голем број промени.

Веќе е јасно дека ќе има заминувања и пристигнувања, односно дека ќе има целосен ремонт на тимот, но не само тој сегмент ќе се промени. Не е исклучено ниту Јуве да започне со новиот претседател во новата сезона бидејќи Андреа Ањели ја изгуби довербата и поддршката од навивачите на Старата дама по сите настани околу Суперлигата.

 

Но, Ањели е сè уште претседател на клубот, а сега доаѓаат вести дека тој веќе договорил нов тренер за сезоната 2021/22. Така, Андреа Пирло ќе стане поранешен без оглед како ќе заврши сезоната, а неговото место ќе го наследи Масимилијано Алегри.

Под водство на Алегри, Јувентус освои бројни трофеи. Тој беше шампион на Италија пет години по ред, го освојуваше Купот четири години по ред, а Суперкупот на Италија двапати. Немаше успех во Европа, но тој дефинитивно направи многу добри работи поради кои навивачите го сакаат да се врати.

Што се однесува до Пирло, неговата дебитантска сезона е за заборавање. Јувентус беше нокаутиран во осминафиналето од Лигата на шампионите од Порто, а во Серија А тие се наоѓаат на четвртото место и не се сигурни за своето место во Лигата на шампионите, додека Скудетото се чини дека веќе му припаѓа на Интер.

Така Пирло станува минато, тој ќе ја заврши сезоната до крајот, а потоа ќе му го препушти своето место на Алегри, кој претходно го водеше и Милан. Ањели и Алегри наводно се договориле за сè и тој ќе биде претставен на лето како ново – стар тренер на славниот италијански клуб.

ПОВРЗАНО

Серија А