На „Етихад“ денеска се игра големото дерби меѓу Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед во 28. коло од Премиер лигата.
Според многумина, Сити е фаворит во денешната пресметка против градскиот ривал, но јасно е дека се е можно на вакви дерби натпревари и дека „црвените ѓаволи“ не треба така лесно да бидат отпишани.
Навивачите на Јунајтед полагаат големи надежи во Кристијано Роналдо, но останаа шокирани кога англиските медиуми утринава објавија дека настапот на Португалецот на денешниот натпревар е доведен во прашање.
„Сан“ објави дека Роналдо синоќа не бил со играчите во хотелот „Лоури“ и сметаат дека тоа е знак дека тој нема да биде во составот за вечерашната пресметка против градскиот ривал.
Покрај Роналдо, во тимот ги немаа Единсон Кавани, Рафаел Варан и Лук Шо, но од претходно се знаеше дека тие најверојатно нема да играат вечерва.
Англиските медиуми наведуваат дека се уште не е јасно дали Роналдо добил дозвола од тренерот Ралф Рангник да не биде со остатокот од тимот во хотелот или се работи за повреда која ќе го спречи да игра вечерва.
Но, се треба да се знае наскоро, бидејќи Рангник ќе го објави списокот на играчи на кои ќе смета на денешниот натпревар, а навивачите на Јунајтед се надеваат дека на него ќе се најде и Роналдо.