Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација Луис Енрике го објави проширениот состав за натпреварите во Лигата на нации на почетокот на јуни. Ла Роха ќе одигра 4 натпревари. На 2 јуни Шпанија е домаќин на Португалија во Севиља, три дена подоцна Шпанците гостуваат во Прага во Чешка, на 9 јуни имаат меч со Швајцарија Женева, а на 12 јуни селекцијата е домаќин на Чешка во Малага.
Импресивно е враќањето на напаѓачот на Барселона, Ансу Фати, кој се опорави од повредата, како и Маркос Алонсо од Челзи. Во тимот е и Тиаго Алкантара од Ливерпул, но играчот од средниот ред се повреди на натпреварот на „црвените“ со Вулверхемптон во неделата и менаџерот Јирген Клоп изјави дека е во прашање за финалето од Лигата на шампионите на 28 мај.
Од шпанскиот тим отсуствуваат голманот на Манчестер Јунајтед, Давид де Хеа и повредените Микел Ојарсабал, Педри и Џереми Пино.