Антонио Касано веќе подолго време привлекува големо внимание со контроверзните и дискутабилни изјави.
Касано заедно со Кристијано Виери води една од емисиите на Бобо ТВ во која разговараат за актуелните ситуации во светот на фудбалот.
Последен на удар од контроверзниот Италијанец беше Карло Анчелоти, искусен и трофеен стручњак, кој пред неколку дена се пласираше во своето осмо полуфинале во Лигата на шампионите.
„Реал Мадрид игра лошо, но имаа среќа против ПСЖ, а потоа и против Челзи, но се завршува порано или подоцна. Реал воопшто не игра добро во лигата“, изјави Касано.
„Ако ја погледнете Барселона, тие се разбудија доцна, тие имаат друга приказна. Анчелоти прави да се чувствувате подобро, но не ми текнува на ниту еден играч кој напредувал покрај него“, додаде тој.
Покрај Реал Мадрид, Анчелоти беше тренер на уште голем број други великани како Јувентус, Челзи, Баерн и Милан. Беше и на клупата на ПСЖ.
Во секој клуб италијанскиот тренер имаше на располагање навистина одлични играчи. Се издвојуваат Зинедин Зидан, Андриј Шевченко, Паоло Малдини, Кака, Златан Ибрахимовиќ, Френк Лампард, Филип Лам, Кристијано Роналдо, а сега тоа се Карим Бензема и Лука Модриќ.
Некои од играчите успеаја да ја освојат и Златната топка под палката на Анчелоти, како што беше случајот со Шевченко, Кака и Роналдо, па дефинитивно вреди да се разговара за изјавата на Касано, која многумина ја протолкуваа како голема глупост.
Инаку, Анчелоти е еден од најтрофејните тренери во историјата со 21 трофеј меѓу кои и три ЛШ.