ФУДБАЛ

Аргентина ја уништи Италија на Вембли и го освои трофејот Финалисимо! (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Аргентина го освои трофејот „Финалисима“ откако вечерва на „Вембли“ ја совлада Италија со 3-0.

По 29 години повторно ја гледавме борбата за овој трофеј во која се сретнаа шампионите на Европа и Јужна Америка. Аргентина на крајот славеше на прилично доминантен начин и сосема заслужено го освои трофејот.

Аргентинците беа подобри од самиот почеток на натпреварот и ја имаа иницијативата на теренот, додека Италијанците изгледаа прилично загубено и демотивирано.

Подобрата игра „гаучосите“ крунисаа во 28. минута кога поведоа со 1:0. Меси со одличен дриблинг го нокаутира Ди Лоренцо и мина по левата страна, а тој уфрли во шеснаесетникот каде се најде Лаутаро Мартинез кој рутински го совлада Донарума.

Во првата минута од судиското обештетување на првото полувреме, Аргентина го постигна вториот гол. Голманот Мартинез испраќа одлична долга топка до Лаутарo, кој одлично ја прими и го измами Бонучи, а потоа го ангажира Ди Марија, кој како брз воз го помина Киелини и одлично го лобуваше Донарума за 2:0.

Аргентинците одиграа одлично и во вториот дел и чудо е што барем уште еднаш не го победија Донарума. Ди Марија и Меси беа брилијантни и беа расположени за игра вечерва, но Донарума со одлични одбрани ја спаси честа на Аѕуро.

 

Ди Марија имаше одличен удар во 60. минута од врвот на шеснаесетникот, но Донарума го одбрани. Четири минути подоцна Ло Селсо имаше шанса да шутира крај голот од одлична ситуација.

Меси се закани во 66. минута. По одличниот соло продор успеа да шутира кон голот, но Донарума со одличен рефлекс одбрани и ја испрати топката во корнер.

Само четири минути подоцна Меси повторно има шанса. Овој пат од врвот на шеснаесетникот се обиде со десната нога, но италијанскиот голман повторно беше сигурен.

Сепак, Аргентинците го постигнаа третиот гол во последните секунди од натпреварот. Точка на овој меч стави Пауло Дибала кој постигна одличен гол за 3:0 во 94. минута и само четири минути откако влезе во игра.