ФУДБАЛ

Аргентина на крилата на Меси останува во игра за нокаут фазата

Фудбалерите на Аргентина го совладаа Мексико со резултат 2:0 и останаа во игра за пласман во осминафиналето на Мундијалот.

Аргентинците го започнаа натпреварот против Мексико доста лошо под притисок поради фактот што мораа да победат против Мексико за да имаат шанса да се пласираат во нокаут фазата од натпреварувањето.

Во текот на целото прво полувреме двете екипи играа непрецизно, иако можеби Мексико создаваше повеќе и подобри шанси. На крајот од разочарувачките 45 минути, резултатот беше 0:0 пред паузата.

Во вториот дел Аргентина заигра подобро, но не создаде премногу, ниту беше доминантна на теренот. Но, Аргентина го има еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, кој погоди на асистенција на Анџело Ди Марија во 64. минута.

По постигнатиот гол, Аргентинците се чувствуваа како камен да им паднал од срце, а заиграа уште подобро, па полесно ја потврдија победата. А потврдата дојде во 88. минута кога Фернандез по една убава соло акција по вторпат го чекираше Очоа за голема победа на Аргентина од 2:0.

Аргентина сега е втора во групата Ц со три бода, додека Мексико е последно со еден бод.