Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер стана вистински фудбалски револуционер.
Легендарниот Французин, кој сега е дел од Светската фудбалска федерација (ФИФА), каде е задолжен за идеи за напредокот на фудбалската игра, неодамна предложи правило за офсајд, кое ФИФА реши да го испроба.
Ова правило им носи многу повеќе придобивки на напаѓачите кои овојпат нема да бидат во офсајд доколку имаат дел од телото што не може да постигне гол.
Овој пат, Арсен излезе со предлог дека репрезентативните собири ќе бидат многу поретки отколку сега.
Се предлага датумите да бидат есен – пролет во која ќе се играат сите натпревари, но и квалификациите да се играат за само еден месец.
На овој начин немаше да има чести прекини на сезоната во европските лиги, што во моментов е случај бидејќи квалификациите се играат во неколку термини.
“Календарот на меѓународни натпревари е една од клучните точки на следниот состанок. Едно од решенијата за кои ќе разговараме е да ги вметнеме квалификациските натпревари на вистински начин”, рече Венгер и продолжи:
“Наместо да играат во септември, октомври, ноември, март и јуни, предлогот е сите натпревари да се играат во еден месец или во два термина – октомври и февруари. Ако ова може да се договори, играчите може мирно да им се посветат на клубовите. Идеално решение би било сите квалификациски натпревари да се играат за еден месец, да речеме во октомври “, рече Венгер и додаде:
“Ги правите квалификациите и остатокот од сезоната сте слободни во корист на клубот. На крајот на сезоната играте повторно за националниот тим на големи натпреварувања”, изјави Венгер.
Дефинитивно интересен предлог и ќе видиме дали ФИФА ќе го испроба овој предлог во иднина.