ФУДБАЛ

Арсенал претстави ново засилување

Олександр Зинченко сега и официјално е играч на Арсенал.

 

Овој 25-годишник на Емирати пристигнува со големо искуство играјќи во Премиер лигата, но и на меѓународната сцена. За Манчестер Сити има 128 настапи и 52 за украинската репрезентација.

 

Засега не е познато колку долго договорот го потпишал украинскиот репрезентативец. Во официјалното соопштение Арсенал само истакна дека се работи за повеќегодишна соработка.

Се разви преку младинската академија на Шахтјор Доњецк, а во 2015 година се пресели во Уфа, Русија. По 31 настап за овој клуб, тој во летото 2016 година потпиша за Сити, за следната сезона да ја помине на позајмица во ПСВ.

 

Левото крило, кое може да покрива и позиции во средниот ред, четири пати ја освои Премиер лигата и англискиот Лига куп, еднаш ФА Купот, а минатата година играше и во финалето на Лигата на шампионите.

 

“Среќни сме што ни се приклучи Олександар. Тој е играч што лично го познавам и продолжив да го следам откако го напуштив Манчестер Сити. Тој е квалитетен играч кој ќе ни даде нови можности и сестраност. Не е само за позициите на кои може да игра, но и неговата сестраност во нападот и одбраната.Тој е личност со големи човечки квалитети и карактер и мило ми е што вложениот труд да го донесеме во клубот вроди со плод“, изјави Микел Артета, менаџер на Топџиите.

Украинецот е петтото засилување на Арсенал ова лето. Да потсетиме, пред него пристигна неговиот соиграч од Манчестер Сити Габриел Жесус, потоа Маркињос, Мет Тарнер и Фабио Виеира.

ПОВРЗАНО

Премиер Лига