ФУДБАЛ

„Азар пиеше цела ноќ, следното утро уште беше пијан и постигна три гола подоцна истиот ден“

Белгискиот фудбалер Еден Азар го поминува можеби најлошиот период во кариерата.

Тој пристигна во Реал Мадрид од Челзи како големо засилување во летото 2019 година, но досега не покажа едно големо ништо.

Тој досега беше повеќе повреден отколку здрав во Реал Мадрид. Тој одигра само 56 натпревари на кои постигна пет гола и запиша девет асистенции.

Сезонава настапи на 13 натпревари и успеа да забележи една асистенција.

За неговата кариера беа раскажани многу приказни, а една од најинтересните со јавноста ја сподели Рио Мавуба, поранешниот соиграч на Азар од францускиот Лил.

Станува збор за периодот кога Белгиецот ја завршуваше епизодата во францускиот клуб, и се подготвуваше за трансфер во Челзи.

Имено, на 20 мај 2012 година во 38. коло од француската Лига 1 се сретнаа Лил и Нанси, а Азар вечерта пред тој натпревар одлучи да направи забава на која се збогуваше со соиграчите.

“Тоа беше последниот натпревар на Азар за Лил и тој сакаше да ни организира нешто. Имаше луда забава еден ден пред натпреварот против Нанси. Пиеше цела ноќ, а следното утро беше уште пијан. Подоцна истиот ден постигна три голови за 30 минути“, изјави Мавуба.

Да потсетиме, споменатиот натпревар заврши со победа на Лил од 4:1, а Азар постигна голови во 10., 27. и 34. минута од натпреварот и ја заврши сезоната со 20 постигнати голови.

Да потсетиме, Азар како млад ја започна својата кариера во Тубизе, Белгија, од каде во 2005 година замина во Лил. Таму остана до 2012 година кога му се приклучи на Челзи каде стана апсолутна легенда.