Фудбалерот на Борусија Дортмунд, Торган Азар до крајот на сезоната ќе игра како позајмен во ПСВ Ајндховен, соопшти вечерва холандскиот клуб.
Белгискиот фудбалер и помлад брат на Еден Азар (играч на Реал Мадрид), пристигна во Дортмунд во 2019 година и таму го освои Купот пред две години со германскиот тим.
Неговиот договор со Борусија Дортмунд истекува на крајот на јуни. Оваа сезона 29-годишниот играч од средниот ред стартуваше само еднаш во Бундеслигата и три пати во Лигата на шампионите.
За Белгија одигра 47 натпревари и беше на светските првенства во Русија и Катар (2018 и 2022 година), како и на Европското првенство во 2021 година.
