Баер Леверкузен ја отфрли можноста за продажба на крилниот напаѓач Муса Диаби на Арсенал, барем не засега.
Како што пренесува „Скај Спортс“, Арсенал се распрашал, но добил одговор дека Диаби не е на продажба оваа зима, односно дека Баер сака да го задржи играчот барем до лето.
А кога ќе дојде летото? Па, заинтересираниот ќе треба да одвои околу 100.000.000 евра за да го добие одличниот напаѓач кој израснал во школата на Пари Сен Жермен.
Леверкузен го купи во 2019 година за 15.000.000 кога имаше 20 години и потпиша договор со него до 2025 година.
На 15 меча сезонава во Бундеслигата има шест гола и три асистенции, па прашање е дали некој е подготвен да издвои „стотка“ за него. Но, видовме како пазарот во последно време може да биде арогантен…
Во секој случај, доколку се случи трансферот, Муса Диаби ќе стане една од најскапите продажби во историјата на Баер Леверкузен заедно со Каи Хаверц, кој беше продаден од Челзи пред две и пол години.
Покрај Диаби, „фармацевтите“ во своите редови го имаат и Флоријан Вирац, кој по повредата полека се враќа во натпреварите, а се проценува дека неговата вредност ќе стигне и до небо, доколку продолжи таму каде што застана.
