Еден од најдобрите македонски репрезентативци Енис Барди, вели дека мора да се оди чекор по чекор, трпеливо, иако како што вели, по пласманот на ЕП, сите очекуваат нешто големо.
-После Европското првенство сите очекуваат повторно нешто големо, но ние мора да одиме од меч во меч. Со оваа сегашна генерација со новиот селектор со кој долго време се знаеме, а имаме и некои нови играчи, мора да сме трпеливи, зашто секој меч ни носи нешто ново, а ништо негативно, без оглед дали сме победиле или загубиле. А, Македонија досега покажа доста, покажа дека игра за нешто, игра за нешто убаво и игра добро, а не за петто или четврто место. Мислам дека направивме доста многу добри работи и само треба да продолжиме така, вели Барди, кој притоа додава:
-Веројатно ќе решаваат ситници на утрешниот натпревар. Најважно е ние да сме подготвени и да знаеме што бараме на теренот. Овој меч е многу важен и за нас и за Ерменија. Треба да влеземе на терен со заедништво како никогаш досега и тоа е клуч за победа. Имаме нови фудбалери и треба време за да се вклопиме, но тоа не е некој преголем проблем. Ние сите сме свесни што нѐ очекува и мора да дадеме сѐ од себе. Тоа е најважно, порача Барди.
Инаку, мечот против Ерменија се игра утре со почеток во 17 часот, а три дена подоцна во Скопје е последниот дуел до квалификациите за пласман на СП против Исланд.
Македонија во моментов има 12 бодови, исто колку и Ерменија, а на второто место е Романија со 13. Се разбира Германија е лидер со 21 бод и оваа селекција веќе обезбеди пласман на СП.