ФУДБАЛ

Барса и Ролинг Стоунс заедно во „Ел Класико“!

Фудбалскиот клуб Барселона денеска соопшти дека на претстојното големо дерби против Реал Мадрид на своите дресови ќе го носи логото на славните Ролинг Стоунс, како дел од спонзорскиот договор со Spotify.

На дресовите на шпанскиот шампион обично стои логото на Spotify, кој е спонзор на предниот дел на дресот, но сега клубот усвои сличен пристап како минатата година кога играчите го носеа логото на пејачот Дрејк, исто така во Ел Класико.

Барселона на 28 октомври ќе одигра големо дерби против Реал.

Исто така, женската екипа на Барселона на својот дрес ќе го носи логото на Ролинг Стоунс, кое е препознатливо по црвените усни и испакнатиот јазик, на натпреварот против Севиља на 5 ноември, се додава во соопштението.

„Ние сме огромни фудбалски фанови и почестени сме што Spotify го вклучи нашето лого, јазик и усни за да го красат дресот на ФК Барселона за да го прославиме објавувањето на нашиот албум Hackney Diamonds. Ќе навиваме за играчите на теренот, како и за навивачите околу светот кој ќе го гледаат овој иконски натпревар“, се вели во соопштението на иконата англиски рок бенд.