Крилниот напаѓач на Ливерпул, Садио Мане, наводно е желба на Барселона.
Барселона и Реал Мадрид се обидуваат да ги доведат најдобрите играчи од најголемите клубови секоја година, а сега се појави приказната дека Сенегалецот Мане би можел да заврши на „Камп Ноу“.
Тој се поврзува и со Реал Мадрид, но според некои извештаи, Каталонците се подготвени да го срушат рекордот во текот на летото за да го купат.
Тековниот рекорд му припаѓа на Нејмар, кој Барса му го продаде на ПСЖ за 222 милиони евра, но Барселона сега сака да плати скоро 270 милиони.
Секако дека сега сето ова е во рамките на шпекулациите, но британските медиуми тврдат дека Барса е сериозно заинтересирана за играчот што се обидуваше да го донесе во летото 2017 година.
Мане пристигна во Ливерпул од Саутемптон за 41,2 милиони евра и во моментов е еден од главните играчи во тимот на Јирген Клоп, со кој треба да ја освои титулата во Премиер лигата.
Во тековната сезона, Мане има одиграно 24 натпревари, постигнувајќи 13 гола со осум асистенции во Премиер лигата, а има вкупно 17 гола на сите натпреварувања со 11 асистенции на 34 натпревари.
Тешко е да се замисли Ливерпул без Мане, но во минатото, Ливерпул ги продаде своите најдобри играчи за големи суми. Двајца отидоа директно во Барселона – Луис Суарез и Филипе Кутињо.