ФУДБАЛ

Барселона го доведе пред два месеци и веќе сака да го продаде

Барселона може да го продаде Емерсон, кој пристигна во клубот пред само два месеци, на крајот од преодниот рок.

Емерсон дојде во Барселона ова лето од Бетис и веќе дебитираше во дресот на каталонскиот клуб, но многумина се изненадени од шпекулациите дека Барса би можела да го продаде само два месеци подоцна.
Имено, на самиот крај на летниот преоден рок, Тотенхем покажа голем интерес за овој Бразилец. Фабио Паратичи вчера пристигна во Барселона за да се сретне со Жоан Лапорта и му даде понуда за Емерсон.

Тотенхем и понуди на Барселона размена на играчи и Серж Орие да дојде во каталонскиот клуб, но Лапорта одби и рече дека го интересираат само пари за Емерсон.

И покрај одбиената прва понуда, лондонскиот клуб нема така лесно да се предаде, а Скај Спортс денеска објави дека Тотенхем подготвил нова понуда за дефанзивецот на Барселона.

Тотенхем е подготвен да плати околу 20 милиони евра за овој 22-годишен играч и се надеваат дека Барселона ќе се согласи со оваа понуда.

Многумина очекуваат дека Каталонците нема така лесно да ја отфрлат оваа понуда поради фактот што се во многу тешка финансиска ситуација, а сега секој милион што ќе го заработат им е многу важен.

Барселона го купи Емерсон пред речиси три години од Атлетико Минеиро, но тој играше на позајмица во Бетис претходните две сезони, каде што остави многу добар впечаток.

Тој досега одигра три настапи за Барселона оваа сезона, а вчера беше стартер против Хетафе.