Мартин Брајтвајт пристигна во Барселона во февруари од Леганес за 18 милиони евра.
Барса доби дозвола од Ла Лига да го донесе Брајтвајт иако трансфер периодот беше завршен, бидејќи во меѓувреме останаа без напаѓач заради повредите. Мартин пристигна од Леганес, но се чини дека тој ќе го напушти „Камп Ноу“ по само половина година.
29-годишниот играч запиша 11 натпревари и постигна еден гол во дресот на Барселона во Ла Лига. Многумина во февруари рекоа дека Барса им дала премногу пари за напаѓачот без калибар за нив, но изгледа дека ќе ја поправат таа грешка.
Шпанските медиуми денес пишуваат дека Барселона речиси сигурно ќе го продаде летово бидејќи се очекува да донесе звучно засилување на нападот. Наводно, Брајтвајт својата кариера ќе ја продолжи во Англија во дресот на Вест Хем.
Мундо Депортиво пишува дека овој лондонски клуб понудил 20 милиони евра за искусен напаѓач, и дека Барса на крајот ќе заработи дури два милиони евра кога ќе се земе предвид сè.