ФУДБАЛ

Барселона се обидува да го доведе Олмо до крајот на преодниот рок

Во последните часови од преодниот рок, Барселона се обидува во своите редови да го донесе „побегнатиот син“ Дани Олмо од Лајпциг.

Според Мундо Депортиво, весник близок до Барселона, каталонскиот клуб презеде акција утрово. Тие наводно му понудиле на Лајпциг 75 милиони евра, а самиот фудбалер се согласил на понуда според која ќе потпише петгодишен договор со Барселона.

Сепак, проблемот е што Барселона е попречена од финансискиот фер -плеј, што би можел да го почитува доколку Гризман ја прифати понудата на Атлетико Мадрид што ја има на својата маса.

Алтернативата е едногодишна позајмица на Олмо, но германскиот клуб не е за таа опција и е подготвен да го направи трансферот само ако парите веднаш отидат на нивната сметка.

Настаните поврзани со евентуалниот трансфер на Олмо во Барселона, со големо внимание ги следи Динамо Загреб, бидејќи во случај да се случи истото, огромна сума на пари би паднала на нивна сметка.

Имено, Динамо при продажбата на Олмо на Лајпциг инкасира 22 милиони евра, но со клаузула според која загрепскиот клуб поседува 20 проценти од следниот трансфер, при што споменатите 22 милиони евра не се сметаат.

Со други зборови, од евентуален трансфер во Барселона би се одзеле 22 милиони евра, а Динамо би добил 20 проценти од 53 милиони евра, што е повеќе од 10 милиони.

Да потсетиме, Олмо ја напушти Барселона кога имаше 16 години. Во меѓувреме, тој израсна како играч во Динамо, а по заминувањето во Лајпциг, го покажа целиот свој потенцијал и стана стандарден репрезентативец на Шпанија.