Резервниот голман на Барселона, Јаспер Силесен, на крајот од минатата сезона рече дека сигурно ќе го напушти клубот ова лето.
Силесен сака да оди во тим каде што ќе биде прв голман и јасно му е дека во Барселона, покрај Тер Штеген, не може да го добие она што го бара. Но, за Барса ова не е проблем, бидејќи тие веќе најдоа нов резервен голман.
„Каталонски Спорт“ денеска објави дека Барселона и Валенсија се договорија за трансфер на Нето, а во спротивен правец оди Силесен.
Барса и Валенсија бараат околу 25 милиони евра за своите голмани, што значи дека ова на крајот ќе биде замена без дополнителен надомест од двата клубови.
Пристигнувањето на Нето во Барса и заминувањето на Силесен во Валенсија треба да биде објавено утре, а „Спорт“ известува дека Нето на „Камп Ноу“ треба да биде претставен во вторник.