ФУДБАЛ

Бензема ќе пристигне во Катар по медалот доколку Французите одат во финалето

Фудбалерот на Реал Мадрид, Карим Бензема, добил дозвола од мадридскиот клуб да присуствува на финалето на Светското првенство во Катар, доколку француската репрезентација го победи Мароко во полуфиналето на Светското првенство, пренесува „Мундо депортиво“.

Бензема се повреди на тренингот на репрезентацијата на 19 ноември, ден пред почетокот на Мундијалот, а првата дијагноза покажа дека ќе отсуствува три недели.

Тој остана на списокот на француската репрезентација, откако тренерот на „триколорите“ Дидие Дешам реши да не повика замена за напаѓачот на Реал, кој неодамна ја освои „Златната топка“.

Францускиот фудбалер минатата сабота се приклучи на тренингот на Реал, а „триколорите“ вечерва ќе играат во полуфиналето на Светското првенство со Мароко. Прв финалист е селекцијата на Аргентина која синоќа ја совлада Хрватска со 3:0.

Шпанските медиуми наведуваат дека Бензема ќе добие златен медал доколку Франција се пласира во финалето и ја освои титулата светски првак, бидејќи и официјално е на листата на „триколорите“ за Светското првенство во Катар.