ФУДБАЛ

Бензема сигурен: Мбапе еден ден ќе игра за Реал

Францускиот фудбалер Карим Бензема е убеден дека неговиот сонародник Килијан Мбапе еден ден ќе игра за Реал Мадрид.

Трансферот на 22-годишниот фудбалер во „кралскиот клуб“ беше најавен летово, но тој остана во ПСЖ. Сепак, неговиот договор истекува следното лето и постојат сите шанси тој потоа да се пресели на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.

„Килијан самиот го кажа тоа. Сака да проба нешто друго. Еден ден ќе игра за Реал Мадрид. Не знам кога, но тој ќе го стори тоа. Прашање на време е“, рече Бензема.

Искусниот француски фудбалер додаде дека е таму за да им помогне на другите млади играчи на „кралскиот клуб“.

„Реал е најдобриот клуб во светот. Треба да инвестира во млади играчи, така што еден ден тие ќе станат врвни фудбалери. Тука сум да им помогнам, многу зборуваме. Сакам да напредуваат“ , заврши Бензема.