Јувентус синоќа ја совлада Специја со 3:0, па остана во борбата за титулата.
Екипата на Андреа Пирло ја оправда улогата на фаворит во дуелот со Специја и со нови три бода го намали заостанувањето зад водечкиот Интер на седум поени.
Мората, Киеса и Роналдо постигнаа голови, а италијанските медиуми денес најмногу пишуваат за слободните удари на еден од најдобрите играчи на сите времиња.
Роналдо и синоќа имаше можност да го совлада противничкиот голман од слободен удар, но не успеа во тоа. Тој порано беше еден од најдобрите изведувачи, додека денес тој е човекот кој ги изведува слободните најмногу со најслаби перформанси.
Од пристигнувањето во Јувентус, Португалецот има дури 67 обиди за слободен удар. Од тоа, топката заврши 44 пати во живиот ѕид, и само еднаш ја погоди мрежата на противничкиот тим.
Така, од 67 обиди погоди еднаш во две и пол години. Тоа беше во средината на минатата година во натпреварот од 30.коло од Серија против Торино, во кое Старата дама славеше со 4:1.
Статистика да се заборави, но и покрај тоа, Роналдо дефинитивно повторно ќе преземе одговорност и ќе изведе слободни удари.