Џакомо Бонавентура го искористи својот Инстаграм профил за да ги поздрави навивачите на клубот и да се збогува од Милан, од каде заминува после шест сезони на „Сан Сиро“.
30-годишниот играч од средниот ред премина во „црвено-црните“ од Аталанта во септември 2014 година и придонесе со 35 голови и 30 асистенции во неговите 184 натпревари за Милан.
Неговиот договор ќе истече на крајот на тековната сезона и Бонавентура сега бара нов клуб, каде што сака да ја заземе стартната позиција.
„Благодарам, живеев како во сон. Годините што ги поминав во Милано беа незаборавно искуство за мене“, напиша Бонавентура на Инстаграм.
„Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе со кои ја споделив оваа фантастична авантура – претседатели, тренери, менаџери, соиграчи и доктори“.
„Благодарам на сите оние кои работеа зад сцената во Миланело, тие се моторот зад Милан. Благодарение на нив, секој ден се чувствуваме како дома, како да сме семејство“.
„Благодарам на навивачите на Милан, кои секогаш ме поддржуваа, во најдобрите моменти и во најтешките. Навивањата во Сан Сиро се посебни и незаборавни. Вие секогаш ќе бидете во моето срце.
Бонавентура оствари вкупно 29 настапи во текот на оваа сезона во Серија А, но беше стартер само 13 пати и постигна вкупно три гола.