Само неколку дена откако и официјално објави крај на својата богата фудбалска кариера, легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон би можел брзо да му се врати на фудбалот.
Според италијанските медиуми, тој веќе е во напредни преговори со Фудбалскиот сојуз на Италија за преземање на некои од улогите во спортскиот менаџерски тим на асоцијацијата и националниот тим.
Точната улога на Буфон наводно допрва ќе се разјасни, а тој веќе започнал и напреден курс по англиски јазик.
Македонија може да биде првата задача за Буфон, тој би можел да се пријави на своето ново работно место веќе во септември, кога се очекува Италија да ги одигра квалификациските натпревари за ЕУРО 2024, против Македонија и Украина.
Буфон неодамна ја заврши својата 28-годишна кариера во која стана рекордер по бројот на настапи за италијанската репрезентација – голот на „аѕурите“ го бранеше 176 пати.
Круна на неговата кариера е секако 2006 година кога го освои Светското првенство во Германија.
Играчката кариера ја започна во Парма, за која бранеше 220 пати од 1995 година, пред да потпише за Јувентус во тогаш најголемиот трансфер во историјата на фудбалот за голман.
Тој играше за Јуве 17 години, освои десет титули во Серија А и остана верен на „Старата дама“ дури и кога тие испаднаа во Серија Б по аферата Калчополи во 2006 година.
Една година играше и за ПСЖ, во кој се пресели во 2018 година, но во 2019 година се врати во Јувентус, а по две години реши да се врати во Парма од каде започна се.
