Авантурата на Серхио Бускетс (34) во Барселона е при крај.
Играчот од средниот ред, како еден од капитените, се согласи да преземе намалување на платата за финансиски да го поддржи клубот, но не планира да го продолжи договорот, кој истекува следната година.
Тој е подготвен да ја напушти Барселона на крајот од сезоната, а неговиот нов клуб може да биде вистинско изненадување за многумина.
Иако за Барселона одигра дури 676 натпревари на кои постигна 12 гола и забележа 40 асистенции, а освои три титули во Лигата на шампионите и осум титули во Ла Лига, постојат многу индикации дека неговата авантура на Камп Ноу е при крај.
Барселона поради финансиски проблеми не може да регистрира нови играчи, меѓу кои и Роберт Левандовски. Поради оваа причина, Шпанците имаат намера да ги намалат трошоците за плати на некои играчи.
Како што пренесува Мундо Депортиво, еден од нив е Серхио Бускетс. Играчот од средниот ред требаше да се согласи на намалување на платата, со услов подоцна да ги добие сите доспеани плати.
Бускетс се согласи, но рече дека нема намера да остане по истекот на неговиот договор во летото 2023 година. Интер Мајами е прв во редот за неговиот потпис, а МЛС тимот во сопственост на Дејвид Бекам ќе се обиде да го ангажира со атрактивна плата.
Медиумите пренесуваат дека Бускетс би бил подготвен да ја напушти Барселона ова лето доколку не беше Светското првенство во ноември и декември.
Барселона веќе го одработи подготвителниот период и следната сабота во првото коло од Ла Лига на својот стадион ќе се соочи со Рајо Ваљекано. Средбата е закажана за 21 часот.
Во Барселона и летово е доста турбулентно, без разлика на големите и бројни засилувања. Она што моментално е во центарот на вниманието се договорите на четворица играчи (Де Јонг, Тер Штеген, Пике и Алба) кои наводно биле потпишани под раководството на Бартомеу и сегашната управа со Лапорте ги смета за незаконски, па затоа е подготвена да бара правдата на суд.