Тренерот на Барселона, Чави Ернандез изјави дека Манчестер Јунајтед е еден од најдобрите тимови во Европа и дека неговиот тим ќе се обиде да покаже дека може да игра против најдобрите во реваншот од осминафиналето на Лигата на Европа.
„Манчестер Јунајтед е еден од најдобрите тимови во Европа во моментов. Ова е најдобриот тим на Манчестер Јунајтед во последните години, а тоа го докажаа и со последните резултати. Донесоа многу карактер и интензитет во нивната игра, страст, ритам, она што го покажаа на првиот меч. Ќе мора да го сториме истото, да покажеме карактер и да веруваме во нашиот начин на игра. Тоа е совршено сценарио во кое можеме да покажеме дека Барса може да се натпреварува со еден од најдобрите европски тимови“, изјави Чави.
Фудбалерите на Барселона во четврток од 21 часот на „Олд Трафорд“ ќе играат против Манчестер Јунајтед, реваншот од плејофот за осминафиналето на Лига Европа. На првиот натпревар во Шпанија беше нерешено 2:2.
„Се уште не можеме да кажеме дека Барса се врати. Ќе видиме утре дали сме се смениле или не. Се уште сме во Лига Европа и го добивме најтешкиот противник во плеј-офот. Но, тука сме. Утре имаме испит“, додаде Чави.
Фудбалерот на Барселона Жил Кунде изјави дека тимот мора да одигра подобро од првиот натпревар, иако смета дека одиграле добро на Камп Ноу.
„Мораме да го зголемиме интензитетот, да го зголемиме притисокот за да дојдеме до топката. Тоа ќе биде клучно. „Јунајтед е голем противник, играме на историски стадион, но нашиот тим има се што е потребно за да одигра добар натпревар“, рече тој.
Дефанзивецот на шпанскиот тим изјави дека не се плаши од притисокот што го носи играта.
„Има притисок, но тоа е притисок што ни се допаѓа. Сите сакаат да играат на вакви важни натпревари. Тоа не е негативен притисок, напротив“, додаде тој.
