Барселона вечерва гостува кај Реал Сосиедад во второто коло од новата сезона во шпанската Ла Лига.
Каталонскиот клуб вечерва сака три бода, иако традиционално му е доста тешко гостувањето во Аноета. Но, играчите на Барса сакаат да се поправат за нивниот настап во првото коло кога ремизираа на домашен терен против Рајо Ваљекано.
Натпреварот во Сан Себастијан се игра вечерва од 22 часот, а утрово Чави го објави официјалниот список на фудбалери на кои ќе смета за овој натпревар.
На списокот за вечерашниот меч се Пјер-Емерик Обамејанг и Мемфис Депај, кои се на излезна врата од клубот, но нивните трансфери се уште не се комплетирани и ќе му бидат на располагање на Чави.
Сепак, големиот проблем што Барселона се уште не го реши е Жил Кунде, кој неодамна пристигна од Севиља.
Имено, Барса поради финансиски проблеми се уште не е во можност да го регистрира Кунде, што секако е голем удар за Чави со оглед на тоа што овој играч пристигна како засилување во одбраната.
🚨 SQUAD LIST 🚨#RealSociedadBarça pic.twitter.com/iTlF9DGOb2
— FC Barcelona (@FCBarcelona) August 21, 2022
Поради тоа Кунде ќе го пропушти и овој натпревар, а Барселона има рок до 31 август да го пријави. Наводно, Кунде дури има и клаузула во договорот дека може бесплатно да си замине од Барса доколку не го пријават, што би било огромен удар за Каталонците.
Исто така, треба да се напомене дека на списокот на повикани играчи за вечерашниот меч се најде и Миралем Пјаниќ, кој конечно треба да добие шанса.