ФУДБАЛ

Чави: Немаме континуитет, утре е голема можност за нас

Фудбалскиот тренер на Барселона, Чави Ернандез денеска изјави дека верува оти натпреварот против Порто во Лигата на шампионите може да биде пресвртница за неговиот тим оваа сезона.

Барселона со утрешната победа против Порто би се вратила во нокаут фазата од Лигата на шампионите по две последователни елиминации во групната фаза.

Можеби тоа нема да биде доволно за да се намали притисокот врз тренерот Чави, бидејќи неговиот тим во последно време не игра баш најдобро. Во последниот натпревар од Лигата на шампионите, Барселона беше поразена од Шахтјор Доњецк со 1:0, додека викендов ремизираше 1:1 со Ваљекано во Примера.

“Работите не се одвиваат како што се очекуваше во последно време. Ни недостасува континуитет. Утре е голема можност за нас. Тоа може да биде пресвртница. Навистина верувам дека ќе одиграме подобро. Ако не верував Не би бил тука“, рече Чави.

Барселона ќе се пласира во нокаут-фазата од Лигата на шампионите со победа или реми, доколку Шахтјор не успее да го победи Антверпен во реваншот од групата Х.

„Секогаш има притисок во Барса. Отсекогаш било вака и нема да се промени. Во овој клуб треба да се победува“, рече Чави.

Тој додаде дека ја чувствува целосната поддршка од клубот. „Сите веруваме во проектот и постои целосна доверба“, рече тој.

Барселона моментално е прва на табелата од групата Х од Лигата на шампионите со девет бодови, исто толку колку и второпласираниот Порто. Шахтјор е трет со шест бодови, додека Антверпен нема бодови.

Натпреварот во Барселона е на програмата утре од 21.00 часот.