ФУДБАЛ

Чави: Ова веќе не е нормално

Фото: Jul 29, 2023; Arlington, Texas, USA; FC Barcelona head coach Xavi before the match against Real Madrid at AT&T Stadium. Mandatory Credit: Kevin Jairaj-USA TODAY Sports

Барселона повторно киксна во шпанското првенство. Актуелните шампиони одиграа 1:1 на гостински терен против Валенсија.

По ова коло, Барса би можела да заостанува дури девет бода зад лидерот Жирона, доколку во понеделник го победи Алавес.

Тренерот на Барселона Чави беше задоволен од играта на својот тим, но истакна дека најголем проблем повторно е реализацијата на шансите.

„Повторно ни пречи истото како и минатата недела, а тоа е недостатокот на ефикасност. Дадовме два бода. Создадовме доволно шанси за победа, а на крајот освоивме само бод и не сме задоволни. Ова за нас беше како финале, бод не е доволен. Но, ќе бидеме подобри“, рече Чави и додаде:

„Овој недостаток на ефикасност не е нормален и мислам дека е поголем проблем од недостатокот на енергија во одбраната. Време е да бидеме критични кон себе и да бараме повеќе. Жирона, Гранада, Мајорка… Неефикасноста е најдобриот опис на нашата сезона досега. Но, што се однесува до самата игра, ние сме на добар пат“.

Тврдењата на Чави се поткрепени со статистика. Барселона создаде 64 големи шанси оваа сезона во првенството, што е најмногу од сите клубови во Топ пет лигите.

Сепак, според процентот на реализација на големи шанси, Каталонците се само на 76. место меѓу клубовите од петте најсилни европски лиги.