ФУДБАЛ

Чави со многу емоции зборуваше за изоставувањето на Алвеш: Жал ми е, но…

Чави Ернандез пред неколку дена го објави списокот на играчи на кои ќе смета во Лигата на Европа оваа пролет.

На него го немаше неговиот поранешен соиграч, бразилскиот дефанзивец Дани Алвеш кој ќе конкурира само за натпревари во шпанската Примера.

Шпанските медиуми пишуваат дека Бразилецот не бил многу среќен поради ваквиот потег, и дека очекувал да се најде на списокот со оглед на искуството што го донесе во тимот со своето враќање.

Каталонски спорт објави дека Алвеш ја прифатил одлуката на Чави, но дека јасно ставил до знаење дека не е задоволен со тоа и дека очекува да биде во конкуренција и за натпреварите од Европската лига.

Чави во изјава за шпанските медиуми реши да ја оправда оваа одлука, а со многу емоции проговори за изоставувањето на легендата на клубот.

„Жал ми е, но морав да донесам одлука да го нема Дани во тимот затоа што мислам дека сме подобро покриени на десен бек отколку на другите позиции во тимот. Некој мораше да се ‘извиси’ во оваа ситуација, а во овој случај беше Алвеш. Тој ни дава многу на теренот и надвор од него и сигурен сум дека ќе продолжи да го прави тоа“, изјави Чави.

Да потсетиме, Барселона ќе игра против Наполи во плеј-офот за осминафиналето на Европската лига.