Чеферин е во Грција каде ќе присуствува на натпреварот од Суперкупот на Европа помеѓу Манчестер Сити и Севиља. Првиот човек на УЕФА во Атина се сретна и со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис.
Главна тема на разговор беше насилството меѓу симпатизерите на Динамо и АЕК во Атина минатата недела во пресрет на натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите на двата клуба, во кој беше убиен еден навивач на грчкиот клуб.
Приврзаници на Динамо ги нападнаа навивачите на АЕК во Атина. Во таа прилика беше убиен грчки државјанин, осум лица беа повредени, а повеќе од 100 навивачи, главно приврзаници на Динамо, беа уапсени.
„Ние сме тажни и лути поради овие страшни работи што се случија, поради ова бесмислено насилство. Лути сме затоа што некои луѓе користат фудбалски натпревари за насилство. Замислете каква личност треба да бидете за да нападнете некого затоа што носи туѓ дрес“, рече Чеферин.
Првиот човек на УЕФА истакна дека насилството на навивачите е „рак на фудбалот“.
„Не ги нарекувајте фудбалски навивачи. Тие не се навивачи. Тие само го користат фудбалот за нивните глупави идеи. Има доволно насилство. Насилството и хулиганството не се проблем само за Грција, туку и за цела Европа. Мора да го искорениме тој рак“, истакна Чеферин.
УЕФА го откажа првиот натпревар меѓу АЕК и Динамо кој требаше да се одигра на 8 август во Атина. Овие два клуба синоќа го одиграа првиот натпревар од третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите, а АЕК во Загреб го победи Динамо со 2:1. Реваншот е в сабота во Атина.
Чеферин во Атина ќе разговара и со претставниците на четирите најголеми грчки клубови и тоа Панатинаикос, Олимпијакос, АЕК и ПАОК.
