Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин, реши да ги демантира пишувањата на неколку азиски медиуми.
Чеферин реагираше по наводите дека екипи од Саудиска Арабија се заинтересирани за учество во најелитното европско клупско натпреварување. Словенецот потврди буквално се што кажа Звонимир Бобан пред две недели пред УЕФА.
„Мислам дека парите на Саудиска Арабија не се закана за европскиот фудбал. Слични примери сме имале и порано. Фудбалерите заминаа во Кина, од таа земја доаѓаа големи понуди, но кинескиот фудбал не напредуваше поради тоа. Таквиот пристап не е исправен, мислам дека во Саудиска Арабија или каде било на друго место треба да инвестираат во едукација и развој на тренерите и играчите. Но, само европските клубови можат да играат европски купови“, изјави Чеферин за францускиот спортски весник „Екип“.
Тој истакна дека заминувањето на фудбалерите во Саудиска Арабија нема да влијае на квалитетот на европскиот фудбал.
„Колку што знам, Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд не сонуваат да одат во Саудиска Арабија. Навистина не верувам дека во која било смисла ќе биде загрозен квалитетот на нашите натпреварувања“, заклучи Чеферин.
