Ромелу Лукаку премина од Манчестер Јунајтед во Интер пред две години и тоа беше одличен потег.
Белгиецот игра одлично во дресот на Интер и беше еден од најзаслужните што овој клуб по 11 години чекање успеа повторно да го освои Скудетото.
Лукаку дојде во Интер за 74 милиони евра, но се покажа како полн погодок за клубот од Меаца. Сепак, Интер оваа година е во финансиска криза, поради што се шпекулираше дека може да продаде неколку играчи.
Прв кој го напушти клубот е Ашраф Хакими, кој премина во ПСЖ за 70 милиони евра, а Лукаку исто така беше цел на неколку клубови.
Англиските медиуми објавија дека Челзи покажал голем интерес да го врати Лукаку во своите редови, и му понудил договор според кој ќе заработуваше десет милиони евра годишно.
„Сините“ му рекоа на Лукаку дека ќе направат се за да го вратат на „Стемфорд бриџ“, но тој првично ја одби можноста и рече дека не сака да се врати во Челзи.
Лукаку рече дека не сака да се врати во клуб каде никој не веруваше во него и каде не ја доби шансата што ја очекуваше кога пристигна од Андерлехт летото 2011 година за 15 милиони евра.
28-годишниот напаѓач играше претежно на позајмица, а „сините“ го продадоа на Евертон три години подоцна за 35 милиони евра.
Затоа Лукаку не сака да се врати во Челзи и рече дека парите воопшто не му се важни и дека сака да остане во Интер затоа што таму се чувствува одлично и игра најдобар фудбал во кариерата.