Бразилскиот фудбалер Даглас Коста (30) го напушти Баерн и очигледно неговата европска кариера е завршена.
Искусниот 30-годишен фудбалер, кој беше позајмен од Јувентус во баварскиот гигант, го напушти Минхен и се врати дома во Порто Алегре.
Коста неодамна купи нова куќа во овој бразилски град и се очекува наскоро да потпише договор со тимот на Гремио, со што ќе ја заврши својата европска кариера.
Потпретседателот на Гремио, Маркос Херман ги потврди преговорите со Коста и е убеден дека овој фудбалер ќе го носи дресот на Гремио.
“Ние сме поканети во неговиот дом да разговараме за тоа. Тој направи голема отстапка што се однесува до платата. Тој значително ја намали сумата и ние дадовме се од себе за да го исполниме она што тој го сака. Сега се обидува да се реши од договорот на Јувентус и ако овој клуб го отпушти, убеден сум дека ќе постигне договор“, рече Херман.
Даглас Коста е Гремио дете. Првите чекори ги направи во овој бразилски клуб, а потоа во јануари 2010 година пристигна во Европа.
За неговите услуги, Гремио собра шест милиони евра од Шахтјор Доњецк, а по украинскиот великан, тој играше за Баерн три години и за Јувентус две сезони.
Од оваа сезона тој е на позајмица во Баерн каде оваа сезона настапи на 22 натпревари и има учинок од еден гол и три асистенции.
Коста е обврзан со договор со Јувентус до летото следната година, но со оглед на тоа што тимот од Торино сака да се ослободи од бројни играчи и тешки договори, веројатно нема да имаат проблеми со раскинување на соработката.