ФУДБАЛ

Дали Бразилците треба да се грижат за Светското првенство? Им се закануваат со одземање бодови!

ФИФА отвори официјална истрага за настаните на Маракана пред квалификацискиот натпревар за Светското првенство во 2026 година помеѓу Бразил и Аргентина.

Поконкретно, ФИФА ќе ги истражи нападите на бразилската полиција врз гостинските навивачи, во кои неколкумина беа повредени.

Да потсетиме, Аргентина го победи Бразил во Рио де Жанеиро со 1:0 со голот на Николас Отаменди, нанесувајќи му го третиот последователен пораз во квалификациите, прв во историјата на домашен терен, а почетокот на натпреварот доцнеше половина час поради судири помеѓу навивачите и полицијата на трибините.

Додека ситуацијата на трибините не беше ставена под контрола, Лионел Меси го повлече тимот во соблекувалната, а голманот Емилијано Мартинез сам се обиде да ги спречи бразилските полицајци.

Бразил игра многу слабо во овие квалификации, но среќа е што Јужна Америка поради проширувањето на Мундијалот сега има шест директни места и едно во интерконтиненталниот плејоф. Да останеше стариот формат, во кој Јужна Америка имаше 4+1, Бразил веќе ќе беше во големи проблеми.

Сепак, познатиот бразилски „Глобо“ пишува дека ФИФА можеби ќе одлучи да ја казни нивната Федерација (ЦБФ) по истрагата. Можна е парична казна или игра пред празни трибини, па дури и одземање на поени. За Бразил, кој сега е на шестото место, последното директно кое води на Светското првенство, тоа би било огромен удар.